Црногорската влада синоќа се согласи да склучи спогодба со граѓаните кои беа во самоизолација, чии имиња беа објавени во јавноста и да им исплати по 300 евра. За таа цел државата ќе треба да одвои 816.000 евра.

Според владиното соопштение објавено доцна синоќа, задолжен е заштитник на имотно-правните интереси на Црна Гора да склучи спогодба со 2.720 лица во износ од по 300 евра за надомест на нематеријална штета поради повреда на лична права со објавување лични податоци.

Претходно, стотици граѓани ја тужеа државата Црна Гора затоа што претходната влада од март до мај минатата година ги објави имињата и адресите на граѓаните на кои им беше наредено да се изолираат на почетокот на пандемијата. Списокот подоцна беше искористен од приватни лица за да се создаде апликација за мобилен телефон што им овозможува на корисниците да ги лоцираат луѓето во самоизолација.