Ништовноста на одлуката за разрешување, ги прави ништовни и сите дела, права и обврски засновани врз ништовниот акт, што меѓу другото ја вклучува и одлуката за избор на нов претседател, реагираат од Коалицијата „Сите за правично судење“ по 471-та седница на Судскиот совет, на која беше прифатена оставката од Сашко Георгиев и одлучена Весна Дамева да се врати на функцијата.
– Судскиот совет констатираше престанок на мандатот на претседателот на Советот и ја спроведе одлуката на Управниот суд. Во оваа насока, сакаме да потенцираме дека ништовноста на одлуката за разрешување, ги прави ништовни и сите дела, права и обврски засновани врз ништовниот акт, што меѓу другото ја вклучува и одлуката за избор на нов претседател. Оттука нејасно е како Советот констатираше престанок на мандат кој се смета дека никогаш не започнал да тече, се вели во соопштението од Коалцијата за седницата на Судскиот совет одржана на 03.01.2024 година.
Судскиот совет вчера на итната 471. седница го прифати барањето за оставка на претседателот Сашко Георгиев, а согласно пресудата на Управен суд, одлучи да ја врати на функција поранешната претседателка Весна Дамева, која беше разрешена во мај минатата година.
Во однос на точката за постапување по пресудата од Управен суд со која се поништува одлуката на Судски совет за разрешување на поранешната претседателка, Весна Дамева, Зендели констатираше дека имајќи ја предвид оваа пресуда, останува во сила одлуката за избор на Весна Дамева за претседателка.
– Имајќи ја превид пресудата на Управен суд, констатираме дека донесената одлука останува во сила одлуката на Судски совет за избор на претседател Весна Дамева од 5.12.2022. Од сега натаму претседател на Судски совет е Весна Дамева, рече тој.
Седницата следуваше по работен состанок на Советот на кој беше разгледана пресудата на Управниот суд со која се поништува одлуката за разрешување на Дамева.
Управниот суд вчера, исто така, ја објави пресудата во која меѓу другото е наведено дека Судскиот совет не дал никакви образложени причини поради кои ја разрешил од функција поранешната претседателка Весна Дамева, не ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба, посебно ниту утврдените факти, кои што согласно утврдената фактичка состојба упатуваат на донесување на Одлуката за нејзиното разрешување.
Весна Дамева беше разрешена од функцијата претседателка на Судски совет во мај минатата година, кога нејзиниот заменик, Селим Адеми, побара да се гласа за нејзино разрешување. По разрешувањето, таа поднесе тужба до Управниот суд.
Ова разрешување го наруши кредибилитетот на Судскиот совет на кој имаше повеќе реакции во јавноста, а беше и испратена Оценска мисија од Европската Унија која изготви 40 препораки за подобрувањето на функционирањето на Судот.
Фото: МИА архива