Во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, кичесвкиот литературен клуб „Китка“, по петти јубилејен пат денеска ги организира литературните средби „Поетски ѕвезди 2021“.
– Поетите учесници на средбите ќе имаат можност да читаат свои творби на тема, љубов, жена, мајка. На средбите покрај домашните творци ќе се претстават и повеќе поети од земјава, кои својата песна ќе ја презентираат или онлајн или преку видео запис. За да може сите учесници на поетското читање да добијат свое време за да ја претстават сопствената творба, истата не треба да биде подолга од две минути, вели Оливера Ширгоска, претседателка на литературниот клуб „Китка“.
Таа најави дека средбите ќе поминат со целосно почитување на протоколите за заштита од Ковид-19 и посочи дека единствено во живо свои песни ќе читаат членовите на локалниот литературен клуб од Кичево.
– Упатуваме апел до сите заинтересирани гости и поети, да дојдат навреме во салата, каде целокупната програма ќе може да се следи во живо на оние што ќе читаат творби на самото место, до поетите од страна, чии песни ќе бидат проследени преку видео записи. На овој начин ќе се претстават поетите од Битола, Прилеп, Охрид и други градови, додава Ширгоска.
Овие средби се организираат по повод Меѓународниот ден на жената 8 март.