Пратениците денеска ќе ја започнат првата нова седница за оваа година. На дневен ред на 138. седница се повеќе од дваесет точки, претежно закони по скратена постапка.
Пратениците треба да ги разгледаат дополнување на Законот за државното правобранителство, измени на Законот за спорт, Предлог на закон за стручно усовршување и обука на административните службеници, Предлог на закон за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација (*), Предлог на закон за административни службеници, Предлог на закон за вработените во јавниот сектор, измени и дополнувања на законот за електронско управување и електронски услуги, Предлог на закон за рибарство и аквакултура, сите по скратена постапка.
На деневен ред се и Предлог на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за дополнително финансирање на проектот за надградба и развој на патишта, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка и Јавното претпријатие за државни патишта, изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни системи, изменување и дополнување на Законот за управување со отпадот, дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, изменување и дополнување на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, сите по скратена постапка.
На оваа 138. седница во прво читање се Предлог на закон за правда за децата, изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите и изменување на законот за управување со дополнителни текови на отпад.
Пратениците ќе дебатираат и за Предлог – национална стратегија за развој на културата со Акциски план за периодот 2023-2027 година, како и за Предлог на одлука за давање согласност на Годишна програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2024 година, и за Предлог на одлука за давање на согласност на финансиски план на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2024 година.