Со цел да се гарантира безбедноста на летовите, во моментов се опслужуваат до 35 полетувања и слетувања од грчките аеродроми и делумно транзитниот сообраќај во три сектори. Техничкото прашање, со размер со кој сме соочени за прв пат, продолжува да се истражува, соопштија од Службата за цивилно воздухопловство на Грција, откако претпладнево, поради проблем со радиофреквенциите беше затворен воздушниот простор над земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
По неколкучасовен прекин во воздушниот сообраќај, постепено започнаа полетувања, но и слетувања од аеродромите, пред сè од атинскиот, што е и најголем во земјата, каде што имаше доцнења на 75 летови.
Од Службата за цивилно воздухопловство на Грција соопштија и дека за дејствијата за повторно воспоставување на радиофреквенциите продолжуваат во координација со надлежните надворешни институции, додека оперативно службата се координира со европската организација за координација на воздушниот сообраќај (EUROCONTROL).
Од најголемата телекомуникациска компанија во Грција ОТЕ информираа дека откако за проблемот во радиофреквенциите биле информирани од Службата за цивилно воздухопловство, „првичната проверка не покажа технички проблем во колата на ОТЕ“, но и дека се во тесна соработка за да помогнат во утврдувањето на проблемот и изнаоѓањето решение.
Проблемот со радиофреквенциите се појави околу 9.30 часот утрово, а извори од Министерството за транспорт на Грција претпладнево брифираа дека некои фреквенции што ги опслужуваат потребите на ФИР Атина (воздушниот простор на земјата) се соочуваат со проблем, кој се истражува во соработка со надлежни надворешни институции, а со цел апсолутно да се зачува безбедноста на летовите, се опслужуваат само дел од прелетите и воведени се ограничувања на грчките аеродроми.




