Откако денеска протестираа производителите на сливи во Радовишко, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најави дека на почеток на следната недела ќе излезе со конкретна интервентна мерка за стабилизирање на пазарот на сливи, соопштија попладнево од МЗШВ.

Производителите денеска го блокираа патот Радовиш-Струмица и побараа да се реализира вчера договореното со претставник на Министерството, а тоа е, дел од сливите да одат за откуп и дел за индустриска преработка.

– Мерките кои што ќе бидат преземени, вчера беа заеднички разговарани на состанокот во Радовиш помеѓу тимот од МЗШВ и производителите и откупувачите на сливи. Од вчерашниот состанок произлегоа конкретни предлози од двете страни, кои МЗШВ ќе ги разгледа, и како ресорно министерство ќе донесе мерки кои ќе бидат од заеднички интерес и на производителите и на откупувачите на сливи, се истакнува во соопштението на МЗШВ.

Во соопштението од Министерството се вели „земјоделците да не потпаѓаат на политички монтирани информации и создавање на вештачка криза“.

Согласно поднесените барања за директни плаќања за површини со сливи за 2018 година, пријавени се 2.788 лица со вкупно пријавена површина од 2.121 хектари. Од Програмата за директни плаќања за одржување на насади од слива се исплаќа субвенција во висина од 33.000 денари за хектар и 39.600 денари за површини од еден до пет хектари.

Во годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, производителите на сливи имаат можност да аплицираат за субвенција од три денари за килограм предадени сливи во преработувачки капацитети.