Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин, во ОН побара брзо продолжување на преговорите меѓу Северна Кореја и САД за програмите на Пјонгјанг за нуклеарно и балистичко оружје, кои беа прекинати од 2019 година.
Повикот на јужнокорејскиот претседател на првиот ден од Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк доаѓа една недела откако Северна Кореја лансираше балистички ракети на кои Јужна Кореја веднаш одговори.
-Повикувам на брзо продолжување на дијалогот меѓу двете Кореи и меѓу САД и Северна Кореја, рече Мун Џае-ин во говорот за време на годишната сесија на Генералното собрание на ОН. Тој кажа дека се надева дека Корејскиот Полуостров ќе ја види силата на дијалогот и ќе доживее соработка што може да изгради мир во регионот.
Откако Северна Кореја лансираше две балистички ракети кон морето на 15 септември, беше лансирана балистичка ракета од јужнокорејска подморница која стана седма сила во светот со таа најсовремена технологија.
Вашингтон, сојузник на Сеул, ги осуди лансирањата на Северна Кореја, но не и јужнокорејското, па Пјонгјанг ги обвини САД за двојни стандарди.
Против Северна Кореја досега се воведени серија меѓународни санкции поради нејзината програма за нуклеарно оружје и балистички ракети.
Нуклеарните преговори со Вашингтон беа прекинати по неуспехот на самитот во Ханој во февруари 2019 година меѓу севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и тогашниот американски претседател Доналд Трамп.