Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, ќе се појави во јавноста следниот месец за прв пат по неговото ослободување од британски затвор кога ќе даде докази пред Советот на Европа, соопшти денеска неговата организација.
Асанж (53) се врати во Австралија во јуни, откако беше постигнат договор за негово ослободување во кој тој се изјасни за виновен за прекршување на американскиот Закон за шпионажа, ставајќи крај на 14-годишната правна одисеја во Велика Британија.
Неговата сопруга Стела, со која се ожени додека беше во лондонскиот затвор Белмарш, рече дека ќе му треба малку време да се опорави физички и психички по долгата затворска казна и да биде со нивните две деца, кои никогаш не ги видел надвор од затворот.
Тој за прв пат јавно ќе зборува кога ќе даде докази пред Комисијата за правни прашања и човекови права на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во Стразбур на 1 октомври.
Тоа доаѓа откако ПССЕ објави извештај за неговиот случај, во кој се заклучи дека Асанж е политички затвореник и ја повика Велика Британија да истражи дали бил подложен на нехуман третман.
Фото: МИА архива