Владата на Словенија одлучи да испрати двајца офицери на Гренланд, кои под водство на Данска ќе учествуваат „во планирањето и спроведувањето на меѓународната воена вежба Арктичка отпорност.

Вежбата се смета за европско одвраќање од заканите од американскиот претседател Доналд Трамп, кој изјави дека САД ќе ја преземат контролата врз Гренланд „на еден или друг начин“ за да се спротивстави на руските и кинеските интереси на Арктикот.

Неколку земји веќе испратија воен персонал на Гренланд: Франција (15 војници), Германија (13 војници), Шведска (тројца офицери), Норвешка (двајца војници), Финска (двајца офицери), Холандија (еден поморски офицер) и Велика Британија.

Се очекува и балтичките држави да испратат воен персонал на Гренланд.

Генерал-мајор на данската Здружена арктичка команда, Серен Андерсен, изјави дека и САД биле поканети на вежбите.

– САД, како членка на НАТО, секако се поканети да учествуваат во операцијата, наведе Андерсен.

Белата куќа пред два дена соопшти дека распоредувањето на европските сили на Гренланд нема никакво влијание врз плановите на  Трамп за преземање на автономната данска територија.

Трамп вчера се закани со зголемување на царините за земјите кои не го поддржуваат неговиот план за Гренланд.