Бројни средби со високи претставници од европските институции и претставници од ЕУ остварија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, потпретседателот на партијата Александар Николоски и секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски во рамки на нивната официјална посета на Брисел, каде беа дел и од парламентарното собрание на Европската народна партија, од кое дел се сите центар десни партии во Европа, како ЦДУ на Ангела Меркел, ХДЗ од Хрватска, Народната партија од Шпанија, Модерати од Шведска и многу други партии. Мицкоски на средбите дискутираше за состојбата во која во моментот се наоѓа Македонија и за европската перспектива на земјата, и пред сите порача дека за ВМРО-ДПМНЕ не постои друга алтернатива од Европската унија.

На средбата со комесарот за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји, Мицкоски подочи дека државата уште во 2009 година ги исполни сите критериуми за старт на преговорите, но спорот со Бугарија за кој Заев нè убедуваше дека ги затворил сите отворени прашања, претставува непремослива пречка и дека она што дополнително загрижува е отсуството на план на Владата за излез од, не само економската, туку политичка криза наметната поради застојот на интеграциите.

-ПоОд друга страна забележливи се злоупотребите кои власта во Македонија ги прави со европските вредности, а најеклатантен пример е воведувањето на поголеми давачки за граѓаните преку злоупотреба на европското знаменце. Таквото однесување нема никаква врска и е спротивно со вредностите на Европската Унија. Не сум тука да создаваме препреки на патот кон ЕУ туку да создадеме позитивна клима за да државата се придвижи напред, а тоа е можно со чесен и искрен пристап. Патот кон ЕУ нема алтернатива, а сè друго ќе претставува купување на време и нова лажна надеж од Заев.
Ги потврдивме добрите и пријателски односи, како и заложбите за соработка на патот кон ЕУ, посочи Мицкоски по средбата со еврокомесарот.

Македонија има пријатели, порача Мицкоски по средбата со Дејвид Мекалистер, претседавач со Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент и дел од сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, CDU од Германија, и со Пауло Рангел, потпретседател на Европската народна партија и европратеник од Португалија.

 

Со нив разговарале за европските интеграции, а Мицкоски посочи и дека пред нив лобирал за македонските национални и државни интереси.

Веднаш по оваа средба, доста значаен состанок Мицкоски, Николоски и Муцунски остварија со претседателот на Европската народна партија и доскорешен претседател на Европскиот совет, Доналд Туск.

Разговаравме за ветото од страна на Бугарија кон нашата Македонија и неправдата која му е нанесена на македонскиот народ, нација и македонската држава, затоа што после толку години, после толку успешни извештаи повеќе од петнаесет години ние сме уште во чекалницата и сме жртви на непринципиелни барања од страна на поедини земји членки на Европската Унија.
Јас не можам да се поистоветам со челниците на СДСМ и да доаѓам овде во Брисел и да ја кодошам нашата Влада или да зборувам лошо, тоа е проблем којшто ќе си го решиме дома, на избори и таму ќе ги поразиме и таму ќе зборуваме за нивниот криминал, корупција и погрешни политики и немањето реформи.
Тука зборував и практично барав од соговорниците, од луѓето кои се дел Европската народна партија како што е Рангел, како што е Мекалистер и конечно Туск, да помогнат на Македонија и македонскиот народ да го добијат заслуженото, а тоа е конечно почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија, порача Мицкоски.

 

Значајни беа и пораките кои Мицкоски ги пренесе до директорката за Западна Европа и Западен Балкан во службата за надворешно-политички работи на ЕУ, Ангелина Аинхорст, со која се согласиле дека местото на Македонија е во ЕУ, пат за кој тој и од неа побарал поддршка.

Зборувавме за неправдата која е нанесена на македонскиот народ, на македонската нација и на македонската држава и неможноста да ги почнеме долгоочекуваните преговори со Европската Унија, бидејќи ние како народ и како држава заслужуваме да бидеме дел од европското семејство. Тоа што го добив од другата страна како повратна информација е дека нејзина лична желба, но и желбата на политичарите овде во Брисел е навистина да дадат сè од себе за да му помогнат на македонскиот народ и на македонската нација но, и на Македонија како држава.
Задоволен сум од тоа што го слушнав, најдоброто за македонскиот народ и држава допрва следува, порача Мицкоски по средбата.

На средбата со потпретседателката на владејачката белгиска партија ВЛД и доскорешна долгогодишна министерка за економија, трговија и иновации на Белгија, Патриција Кејсенс, особено внимание било посветено на размената на искуства за локален економски развој, во пресрет на локалните избори.

-Секоја соработка е значајна, особено што ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди најсодржајна и иновативна програма која ќе го содржи сеопштиот развој на населените места, со фокус на претприемништвото, поддршка на иновациите, инфраструктурна преродба како и поддршка на компаниите, домашни и странски, кои ќе отворат нови работни места. Ќе се бориме за секое работно место. ВМРО-ДПМНЕ ќе ја има поддршката од белгиските пријатели, порача Мицкоски.

Со генералниот секретар на Европската народна партија и пратеник во Европскиот парламент, Антонио Лопез-Истуриз, кој важи за еден од најблиските соработници на претседателот на Шпанската сестринска народна партија (Partido Popular) Пабло Касадо, врвот на ВМРО-ДПМНЕ разговараше за идна соработка на престојните локалните избори во Македонија.

-Заеднички да соработуваме и славиме победа во нашето Скопје! Ја имаме поддршката и знаењето. Со целото срце и сила за победа над застојот, стагнациите, блокадите, порача Мицкоски.

Посетата на Брисел започна со средба со Марко Кампоменоси, пратеник во Европскиот парламент и шеф на делегацијата на партијата Лега на Матео Салвини во Европскиот парламент.

-Разговаравме за продлабочување на односите помеѓу двете партии и држави. Истакнав дека критериумите за отпочнување на преговорите со ЕУ се исполнети уште во 2009 година, а она што е ново за жал е спорот со Бугарија, кој се појави во време кога Зоран Заев е премиер, кој пак тврдеше дека ги затворил сите отворени прашања, а еве гледаме денес за жал токму тој спор претставува непреминлива пречка.
И покрај тоа што Македонија има сериозни проблеми со растечкото ниво на корупција, сиромаштијата и недостатокот на реформи во образованието и здравството, коишто беа главни ветувања на Заев и не ги оствари, сепак сме во Брисел за да побараме одблокирање на Македонија.
Владата наместо да троши време на самосожалување и политика на неоправдано умилкување кон источниот сосед потребно е да се искористат сите конекции и сериозни познанства со Брисел за одлобкирање на европскиот пат на Македонија.
На планот на продлабочување на односите помеѓу двете партии, го поканив претседателот на Лега, Матео Салвини, да ја посети Македонија и со чест и задоволство би биле домаќини на истиот.

Тој оствари и кратка неформална средба со Андреас Шидер, европратеник од Австриската социјалистичка партија и претседавач на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија, со кој, како што кажа Мицкоски, разговарале за европскиот пат, за иднината на нашата земја, за реалноста која мора да се промени за Македонија да оди напред.