Претседателот на македонското друштво „Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај, кој во изминатите два дена беше во посета на Република Македонија, покрај другото се сретнал со поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов и лично му ја врачил почесната награда „Илинден”.
-Огромна чест ми беше повторно да се сретнам со Ѓорге Иванов, поранешен претседател на Република Македонија, и лично да му ја предадам наградата. Му посакав добро здрвје и успешно продолжување на неговата мисија, изјави Ѓурѓај за весникот „Илинден“.
Тој посочи дека Иванов ги поздравил сите заложби, посветеноста и ангажираност на друштвото „Илинден” во насока на унапредување на позицијата и правата на македонско национално малциство во Албанија.

-Искажав благодарност за односот и залагањето на Иванов за Македонците во Албанија за време на неговите два мандата, за што и со посебно задоволство ја врачив наградата. Изразив надеж дека таа соработка ќе продолжи со Иванов, кој има добри релации со поранешните претседатели на Албанија, и дека секоја негова заложба за македонско национално малциство во Албанија е добредојдена и високо ценета, додаде Ѓурѓај.

На средбата, според електронското издание на весникот, искажан бил заеднички став за унапредување на соработката меѓу друштвото „Илинден” и Иванов, а во таа насока, била потврдена и соработката во рамки на школата за млади лидери.
Наградата „Илинден”, потсетува Ѓурај,е воведена минатата година по повод јубилејот 10 години постоење на друштвото, а се доделува на личности кои дале посебен придонес за животот, историјата, културата и зачувувањето на автентичните традиции на Македонците во Република Албнија.