Најтешко болниот пациент од реткото заболување цистична фиброза, Благојче Илиевски, почина. Жалната вест ја потврдија од Здружението за цистична фиброза. Благојче беше еден од осум пациенти кои се најпогодени од болеста.
„Со преголема тага и скршеност известуваме дека денеска изгубивме еден свој соборец, кој до последен здив веруваше дека ќе ја дочека новата терапија со ‘трикафта’, надеж која заедно со него ја крепевме со последните атоми, стотина пациенти во државата, главно деца и млади со ЦФ. Поради ова, нашиот револт, огорченост и потресеност се исклучително големи, особено затоа што како АЦФ лекот го бараме од 2020 и апелиравме постојано за итноста од воведување современа модулаторна терапија“, вели Асоцијацијата.
Додека пациентите молат за лек – Mинистерство за здравство калкулира. Пациентите во саботата излегоа на протест пред владата, разочарани од изјавата на министерот за здравство Беким Сали дека современиот лек ќе биде обезбеден прво за 8 од вкупно 130 болни и им порачаа на сите кои одлучуваат за набавката на овој лек да се обидат да дишат преку цевка за да сфатат колку е итна состојбата.
Пред две години Благојче Илиевски имаше средба и со претседателот Пендаровски од кого побара помош за набавка на лекот.
Лекот трикафта за еден пациент годишно чини 300.000 евра а во земјава околу 65 пациенти имаат потреба од него, тврди Сали.
Асоцијацијата за цистична фиброза со 10 илјади потписи минатата година се обиде да побара од здравство да им го обезбеди лекот, но и по толку време се`уште го чекаат одговорот. Во соседните држави лекот е веќе на позитивната листа и лесно достапен за пациентите со цистична фиброза.