Американскиот дипломат кој беше ангажиран во окончувањето на конфликтот во 2001 година и при склучувањето на Охридскиот договор, Џејмс Пердју, починал во средата на 77 години, објави весникот Арканзесонлајн, а не ја наведе причината за смртта.
Пердју на Балканот беше ангажиран прво како дел од екипата на дипломатот Ричард Холбрук, а потоа и како американски претставник за Македонија за време на воениот конфликт 2001 година.
Пердју го претставуваше американскиот министер за одбрана на преговорите во Дејтон за иднината на Босна и Херцеговина, а беше и заменик-специјален советник на претседателот на САД во времето на конфликот во Косово и имплементацијата на мировниот договор.
Пердју во 2002 година стана амбасадор на САД во Бугарија, каде службуваше три години.
Пердју беше и во воената разузнавачка заедница на САД 28 години и стигна до чин полковник. Претседателот Бил Клинтон го именуваше Пердју за американски претставник за воена стабилизација на Балканот во 1997 година со ранг амбасадор.
Годинава Пердју ја критикуваше бугарската блокада на Македонија.
– Националистите во Бугарија гледаа како Грција го користи своето членство во ЕУ за да изврши притисок врз С. Македонија. И тие одлучија да ја спроведат истата стратегија. Но времето за малтретирање на С. Македонија заврши, изјави на почетокот од годинава Пердју за Дојче веле.