Долгогодишниот претставник на Грција во разговорите за името во ОН и искусниот грчки дипломат, Адамантиос Василакис почина вчера на 79- годишна возраст, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за надворешни работи на Грција велат дека Василакис, „беше пример и извор на инспирација за сите оние кои имаа среќа да го запознаат“, но и дека неговата должност ја вршеше чесно и достоинствено.
Василакис од 1972 година бил дел од дипломатската служба во грчкото МНР, во периодот 2002-2007 година беше постојан претставник на Грција во Обединетите нации, во 2005-2006 година ја претставуваше Грција во Советот за безбедност, додека пак од 2007 година, па сè до изнаоѓањето на решение меѓу двете земји, беше преговарач од грчка страна во разговорите за името под медијаторот Метју Нимиц.
Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас и неговите колеги изразуваат жалење за смртта и сочувство до семејството на амбасадорот Василакис.