Почина Кире Ѓорѓиевски, еден од осудените за настаните на „27 април“. Тој беше осуден на 13 години затвор.
Веста ја објавија пријатели и познаници на Ѓорѓиевски.
„Почивај во Мир Кире! И ти не дочека како братот Игор Југ да ја видиш слободата! Уште колку треба да умреме од 27 за да се наситите, уште колку додека ја чекаме правдата, напиша Горан Ангелов во поршталната Фејсбук објава.
Ѓорѓиевски почина во Затворот во Штип, потврди за МИА, директорот на Казнено поправниот дом (КПД) Затвор, Штип, Дејан Здравков.
Тој вели дека во моментов не може да споделува повеќе информации, бидејќи очекуваат насоки од Основното јавно обвинителство.
На социјалните мрежи се споделува информацијата за смртта на Ѓорѓиевски.
Кире Ѓорѓиевски доби 13 години затвор за претепување на Зијадин Села, дело кое го негираше. Ѓорѓиевски беше обвинет и осуден како човек кој што му ги задал најтешките удари на Села. Во 2017 година, кога издржуваше притвор, Ѓорѓиевски беше претепан од група затвореници. Иако се жалеше на казната од Кривичен, Апелација му ги потврди 13-те години робија.
Пред Ѓорѓиевски, во февруари годинава, почина Игор Југ на 54 годишна возраст.




