Министерството за одбрана на САД соопшти дека во базата „Бондстил“ во Косово починал водникот Конрад Робинсон, што е втор смртен случај на американски војник во оваа база од почетокот на годинава.
„НБЦ 7 Сан Диего“ пренесува дека во соопштението на Пентагон е наведено дека 36-годишниот Робинсон, роден во калифорнискиот град Сан Маркос, починал во „инцидент кој не е поврзан со борбени дејства“.
Робинсон во САД бил стациониран во базата Форт Брег во Северна Каролина, а според зборовите на неговата мајка Синтија, оваа мисија требало да му биде последна по 18-годишната воена кариера.
„НБЦ 7 Сан Диего“ наведува дека Робинсон учествувал во мисијата на НАТО во обезбедување на „српската покраина“, како и тоа дека во Бондстил се занимавал со превентивна медицина. Тој имал сопруга и две ќерки на возраст од 5 и 10 години.
Телевизијата наведува дека смртта на Робинсон и натаму е под истрага, а неговата мајка изјавила дека тој бил пронајден без знаци на живот во четвртокот утрото, по редовните физички вежби.
Американскиот сајт Мilitary.com потсетува дека смртта на Робинсон е втор случај на американски војник во Бондстил од почетокот на годинава, откако во јануари под неразјаснети околности починал Роберт Џонс, задолжен за обука на војнички кучиња.