Мајката, која заедно со нејзиниот син беше пронајдени мртва во нивниот стан во Велес е позитивна на вирусот Ковид-19. Информациите се дека 79-годишната жена го имала вирусот, ги потврди денеска министерот за здравство, Венко Филипче на прес-конференција. Нејзиниот син бил негативен на посмртниот тест за коронавирус.
„Не е исклучена можноста вирусот да бил присутен во нашата земја и порано, посебно имајќи во предвид што излегуваат сѐ повеќе публикации дека има и асимптоматски носители на вирусот“, рече Филипче.
Соседите на починатите велешани изјавиле дека последен пат мајката и синот ги виделе пред новогодишните празници.
Првите сознанија се дека мајката и синот починале во јануари, а телата се откриени на 6 април, по пријава на соседите заради мирисот. Во дишните оргни на мајката бил пронајден корона вирусот.
Дилемите се отвораат бидејќи според други тврдења, вирусот угинува откако ќе почине носителот.
Филипче истакна и дека оваа година има 37 000 евидентирани заболени од грип, наспроти 20 000 заболени лани, па сега таа ситуација предизвикува потреба од утврдување дали можеби корона вирусот бил присутен во Македонија и претходно.
Засега, отсуствуваат компаративни податоци со соседите, бидејќи тогаш би требало и кај нив да се јавува слична ситуација.
Потребата од проверка на случувањата во текот на зимата, дополнително се јавува по наодот кај жената од Велес.
ТВ Ал Сат пак има свои информации дека првичните наоди упатуваат на тоа дека жената починала на 6 јануари, што би значело дека вирусот го добила пред тој датум.