Почна поставувањето на монтажен шатор во кругот на општата болница Куманово кој ќе се користи како дневна болница каде ќе се примаат пациенти заболени од Ковид 19, кои примаат терапија, а се на домашно лекување потврди денеска, директорката на кумановската болница Снежана Захариева.
Претходно и пратеникот во Собранието, Мартин Костовски објави дека шаторот се поставува во заедничка координирана акција на Министерствата за здравство и за одбрана.
-Шаторот се поставува привремено додека да се изгради монтажната ковид болница. Ќе се користи за дневна болница на пациенти коишто примаат терапија и си одат дома. Тие се задржуваат кратко, најмногу еден час. За да може да се ослободат капацитетите на инфективниот оддел, таму е тесен просторот и во амбулантите и во чекалната и во дневната болница, за да може и таму да се пружи помош на пациенти кои одат за преглед и евентуално за примање на терапија за првпат, рече Захариева.
Пратеникот во Собранието, Мартин Костовски од СДСМ испрати повик за волонтирање во болницата и кажа дека тој прв се јавува.
-Да бидеме одговорни и храбри во оваа тешко време! Секој колку може и колку знае, за Куманово. Ситуацијата е навистина крајно алармантна, поклон до небо за сите здравствени работници. Денеска како пратеник бев во посета на Општа Болница-Куманово, со заедничка акција на министрите Филипче и Шекеринска поставена е „полска болница“ со шатори од припадници на АРМ, со што ќе се зголеми капацитет за 30 легла за заразените сограѓани од КОВИД-19, напиша Костовски.
Претходно, Захариева, информираше дека има вкупно 67 пациенти на болничко лекување и на инфективното одделение и во новиот Ковид 2 центар, односно постоечкото, преадаптирано психијатриско и невролошко одделение.