Епидемиолошката состојба со Кови-19 во текот на недела ќе биде пресудна за заострување на мерките на владата, објавија повеќе медиуми денеска.

Здравствените власти во текот на неделава најдетално ќе ја анализираат епидемилошката состојба, а во случај актуелните мерки да не ги дадат потребните резултати, не ја исклучуваат можноста за воведување на најригорозната рестриктивна мерка, полицискиот час, пишува порталот Република.

Ова неколкупати досега го изјавуваше и министерот за здравство, Венко Филипче, но целта е да се даде шанса на сегашниве мерки да доведат до смирување на вирусот.

– Во случај епидемиолошката состојба и понатаму да се влошува, секако дека би морале да постапиме построго. Крајната мерка е полициски час, кој би претставувал ограничување на движењето на граѓаните од 21 до 5 часот наутро. Во моментов, и покрај загрижувачките бројки на новозаразени, и покрај исполнетите болнички капацитети, и покрај големата смртност, а во крајна граница и покрај исцрпениот и дефицитарен медицински кадар, се уште има голема раздвиженост во вечерните часови. Освен кафеаните, рестораните, односно сите угостителски објекти, сѐ друго работи. Луѓето се собираат во обложувалници, работат бурекчилници, сендвичарници, вусшност сѐ работи. Ние, како здравствени власти, секако се надеваме дека нема да бидеме приморани да го воведеме непопуларниот полициски час, изјавиле за порталот Фактор извори од Комисијата за заразни болести.