За новата генерација студенти, факултетите денеска традиционално ќе одржат прв академски час, кој поради пандемијата ќе се организира на отворено или онлајн.
Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски новите бруцоши ќе ги поздрави со присуство на првите академски часови на платото на Правниот и на Филозофскиот факултет, а онлајн ќе се обрати и на првиот академски час на студентите на Економскиот факултет.
Од Правниот факултет соопштија дека на настанот ќе се обрати претседателот на државата Стево Пендаровски, а од Филозофскиот факултет, кој годинава одбележува и сто години од основањето, најавија обраќање на министерката за образование и наука Мила Царовска.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ соопшти дека наставата во оваа академска година на дел од 23-те факултети ќе се одвива целосно онлајн, а на некои хибридно – онлајн и со физичко присуство поради природата на наставните содржини и методите на нивно изучување.
Свечен академски час денеска ќе организира и Факултетот за безбедност-Скопје при Битолскиот универзитет, кој ќе се одржи на факултетскиот стадион во населба Идризово. Од Факултетотот соопштија дека на врачувањето на индексите на нивните нови студенти ќе присуствува и ќе се обрати министерката за одбрана Радмила Шекеринска.