Со европски пари почнува изградба и асфалтирање на патот до селото Туминец, Општина Пустец, каде се наоѓа познатиот манастир „Света Марена“ во рамки на проектот „CrossRoad“, финансиран од Европската Унија преку програмата Interreg VI-A IPA Грција–Албанија 2021–2027 година.

– Може да кажам дека ова е долгоочекувана вест, на задоволство на жителите, но и на многубројните посетители. Станува збор за уредување и асфалтирање на делницата  од главниот пат до близина на почетната точка кон манастирот „Света Марена“, со почитување на сите технички параметри и потребните подслоеви, вели Пали Колефски градоначалник на Општина Пустец.

Преку овој проект, Општина Пустец обезбедува инвестиција од околу 500.000 евра, која ќе донесе подобрување на патната инфраструктура, поголема безбедност во сообраќајот и подобри услови за жителите.

-За мене, ова не е само инвестиција во еден пат. Ова е инвестиција во иднината на нашата заедница, во економскиот развој на регионот, во поддршката на туризмот и во создавањето нови можности за жителите на Преспа, нагласува тој.

Ќе продолжиме, порачува,  посветено да работиме за реализација на конкретни проекти кои ја трансформираат нашата општина и го прават Пустец сè подобро место за живеење, работа и посета.

Селото Туминец е едно од деветте населени места во Мала Преспа. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро, во близина на граничниот премин Стење – Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители.

Манастирот „Света Марена“ по која е препознатливо селото датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Се наоѓа на самиот брег од Преспанското Езеро, покрај местото наречено Писан Камен, локација која самата по себе му дава дополнителна убавина и привлечност. Во него се наоѓаат поголем дел од моштите на Светицата каде сè уште се случуваат чуда над нејзините мошти.

Патронот на манастирот е на 30 јули а одбележувањето почнува ден порано со присуство на голем број верници од оваа општина, Округот Корча, но и од соседните земји.

МИА