Од денеска, 4 октомври, до 6 ноември е рокот за пријавување на годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес за културата за 2022 година. Рокот за пријавување е продолжен, бидејќи оваа година, првпат аплицирањето ќе се одвива преку електронски пат, соопшти министерката за култура Ирена Стефоска.
– Со тоа ставаме крај на оние долгогодишни недостоинствени редици пред Министерството за култура, за што во оваа прилика ви се извинувам. Електронската апликација е направена на што е можно поедноставен начин. Освен тоа, направивме обуки во центрите за култура во повеќе градови и во градот Скопје, информира министерката, која им се заблагодари на корисниците за интересот и за соработката и рече дека ова е од заемен интерес.
Стефоска потенцира дека со електронското аплицирање целиот процес, од пријавување до изготвување на решение, се забрзува и се кратат два месеца.
– Да напоменам, дека со испраќањето на апликацијата, секој корисник добива архивски број на имејл-адресата. Со тоа, се избегнува метежот пред архивата на Министерството за култура, физичкото поднесување на документи, и што е многу важно, времето за евалуација на поднесените пријави се скратува за 10.000 работни часови, или за целиот процес се кратат два месеца поради досегашното рачно заведување на пријавите.
За да ги долови придобивките од електронското апликација, министерската посочи дека минатиот конкурс добиле 6.000 пријави, и секој од тие пријави била рачно заведена во архивата, рачно проверувана дали е комплетна, дали соодветствува на поставените услови по дејности и секоја рачно се внесувала во компјутер.
– Така минуваа шеесет денови само за таа процедура. Сега тоа е минато и е направено во полза, пред сè, за оние кои конкурираат. Досегашното конкурирање е минато. И сè што направивме го направивме во полза на културните работници кои се пријавуваат на конкурсот, изјави минисетрската Стефоска.
Според неа, особено важно е што електронската апликација ја елиминира можноста злоупотреба, односно да се менуваат или додаваат документи откако аплицирањето е завршено.
– Со тоа го елиминираме секој сомнеж за евентуално коруптивно однесување при овој процес, истакна Стефоска.
Таа извести дека на веб-страницата на Министерството за култура се објавени општите услови за аплицирање за секоја дејност и со колку проекти може да се конкурира. Министерката се осврна и на навиката на луѓето да аплицираат во последен момент.
– Бидејќи нашето второ име, според менталитетот, е во последен момент, сакам да ве информирам дека апликацијата помина низ темелни и повеќекратни тестирања за нејзината капацитетност и безбедност. Стручните лица уверуваат дека системот ќе ја издржи оваа наша карактерна особина. Но, јас сепак би повикала да не се чека последниот час за аплицирање, бидејќи мислам дека тоа ниту најсовршениот систем не би го издржал, рече Стефоска.
Таа информира дека на веб-страницата на Министерството за култура е поставено видео упатство за постапката за аплицирање на македонски и албански јазик, а достапни за објаснување ќе бидат и лица од Министерството, чии броеви се објавени на веб страницата на министерството.
– Пандемијата, за жал, не е ниту со едната нога на заминување. Ве молам, тоа да го земете предвид оваа година кога ќе ги конципирате вашите проекти. Електронската апликацијата е отворена од денеска е отворена во 11 часот, ќе биде затворена на 6 ноември во 12 часот напладне, изјави министерката за култура Стефоска.