Пред зградата на бугарската Влада денеска се одржа мирен протест за одбрана на лидерот на најголемата опозициска партија во земјата-ГЕРБ, јави дописникот на МИА од Софија.
На приврзаниците на ГЕРБ им се придружија и пратениците од пратеничката група на оваа партија, кои побараа предвремени избори во Бугарија, оставка на владата, но главното барање им е итно ослободување на Бојко Борисов од притвор.
Локалните медиуми забележаа дека ова е прв протест на партијата откако е во опозиција.
Сообраќајот во реонот на бугарската Влада беше блокиран, а имаше зголемено полициско обезбедување.
Пред пладне протестот се пресели пред зградата на МВР.
Како што потсетува дописникот на МИА од Софија, лидерот на ГЕРБ и долгогодишен бугарски премиер Бојко Борисов вчеравечер беше приведен на 24 часа, заедно со поранешниот министер за финансии Владислав Горанов и владината Пи-Ар соработничка, Севдалина Арнаудова, поради злоупотреби во користењето на европските фондови и средства.
Борисов ноќта ја мина во Генералниот директорат на Националната полиција на Бугарија, а денеска треба да биде сослушан.