Терористичката организација „Исламска држава“ е поразена и во последниот дел од територијата во Багуз, Сирија.
Сириските демократски сили (СДФ), кои ја уживаат американската поддршка денеска објавија крај на самопрогласениот калифат, кој некогаш се простираше на третина од територијата на Ирак и Сирија.
„Багуз е ослободен. Остварена е воена победа против ДАЕШ (ИД)“, напиша на Твитер претставник на СДФ.
Иако поразот на ИД во Багуз означува крај на власта над џихадистичката квази држава прогласена во 2014 година, таа терористичка група сè уште претставува закана. Нејзини борци и натаму се утврдени во пустина во центарот на Сирија, а во ирачките градови се притаени, изведувајќи повремени напади и киднапирања и чекајќи можност повторно да се издигнат.
Исламска држава на Ирак и Левант (ИСИЛ), позната и како Исламска држава на Ирак и Сирија (ИСИС) и по арапскиот акроним ДАЕШ, е салафистичка џихадистичка група која следи фундаменталистички, вахабистички сунитски Ислам. Групата е прогласена за терористичка организација од Обединетите нации. Одговорна е за бројни злосторства врз луѓе и уништување на светско културно наследство. Корените на ИД се во групата Џамат ал Тавхид вал Џихад од 1999 година која ѝ изјави лојалност на Ал Каеда и учествуваше во бунтот во Ирак по сојузничката инвазија врз оваа земја. Во јуни 2014 на територијата на Ирак и Сирија беше прогласен калифатот Исламска држава, потсетува Дојче веле.
На врвот на моќта во јануари 2015 година, ИД владееше со територија во Ирак и Сирија со приближна големина на Велика Британија и привлече 40.000 странски борци кои се бореа за нивните цели.
ИД настана како „филијала“ на Ал Каеда во Ирак, која во 2006 година стана позната како „Исламска држава Ирак“ (ИДИ). Движењето, предводено од клучни фигури на Ал Каеда имаше голема улога во водењето на секташкиот судир по американската инвазија во 2003 година.
За време на овој период, ИДИ изведуваше смртоносни напади во ирачката престолнина Багдад, а главни цели беа племенските лидери кои ја имаа поддршката на Западот и локации на американската војска. Потоа се појавија во Мосул, вториот град по големина во Ирак, кој го користеа како упориште за изведување напади.
Сегашниот лидер на групата Абу Бакр ал Багдади е именуван во 2010 година за шеф на ИД. Две години подоцна, тој ги покрена призврзаниците да направат огранок во Сирија. Огранокот, кој беше познат како Фронт ал Нусра се спои со главната организација ИД.
Во меѓувреме, во Рака, ИД работеше на ослабнување на Слободната сириска армија (ФСА) која се противеше на силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад, пренесува Ал Џезира.
Самопрогласениот калифат на приврзаниците им ветуваше утопија, а во моменти кога Владата на Асад почнала масовно да ги крши човековите права, дел од луѓето се приклучиле кон ИД, мислејќи дека ќе се борат за правда и слобода. Невработеноста и лошата економска ситуација, исто така, одеше во прилог на ИД.
Со текот на годините, неколку оружени групи надвор од Блискиот исток, вклучувајќи и делови на Африка и југоисточна Азија, искажаа сојузништво со ИД, преземајќи одговорност за напади и на цивили и на безбедносните сили. ОН во 2016 година соопшти дека најмалку 34 групи од цел свет искажале врска со т.н. калифат.
Изведувани се и поединечни напади во име на ИД, вклучувајќи и напади со огнено оружје со многу жртви во САД и Европа. Сепак, ИД не успеа да создаде сопствено општество.
-Приврзаниците мислеа дека добиваат чисто, некорумпирано политичко теко наместо централна влада. Но, набрзо сфатија дека станува збор за организација со средновековен стил, која владее со страв. Тоа не беше ниту ослободување, ниту утопија, изјави за Ал Џезира Бесма Момани, професорка по политички науки на Универзитеот Ватерло.
На мажите им беше забрането да се бричат, а верската полиција на ИД – Хисбах, ги тераше жените да ги покриваат лицата. Сето тоа значело ограничен контакт со надворешниот свет. Интернет кафулињата биле следени, телевизорите забранети, а поседувањето мобилен телефон знак за соработка со странски агенти.
По консолидацијата, меѓународната заедница подготви одговор на ИД. Неколку месеци по објавата на Багдади за прекуграничен калифат во Мосул во 2014 година, коалициските сили предводени од САД почнаа со воздушни напади против групата. Сепак, таа продолжи да се шири кон северниот дел на Ирак, на територијата контролирана од Курдите, каде ги пороби малцинствата, меѓу кои и членови на јазидската заедница.
Постојаните воздушни напади, напоредно со копнените борби, доведоа до пад на ИД, но по голема цена. Според Ерварс, британска група која следи злосторства над цивили, во воздушните напади на коалицијата убиени се најмалку 6.000 цивили во Ирак и Сирија, бидејќи се изведувани во густо населени урбани средини. Од таа група, за Ал Џезира велат дека од 8 август 2014 до 23 февруари 2019 година изведени се 33.961 воздушен и артилериски напад. најголемиот дел од нив биле во Сирија за време на кампањата за освојување на Рака.
Сириските демократски сили, предводени од Курдите, финалниот напад на ИД го почнаа кон почетокот на март во Источна Сирија. Тие беа принудени да ја забават својата офанзива поради големиот број цивили во регионот кој се уште беше под контрола на таа терористичка организација, но на крајот успеаја да ги поразат џихадистите.