Со симболично сечење на бадникови гранчиња во месноста Говрлевска Краста на јужните падини на Водно, денеска точно напладне официјално ќе започне годинашната прослава на Бадник што по 31-ви пат ја организира Граѓанското здружение „Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје“.

Први бадниково гранче ќе пресечат кумовите и здравичарот Мојсо Мојсовски и Марко Илковски-јуниор и Иве Стевков, Драган Спасов Дац и Александар Митевски, и Живко Поповски Цветин, минатогодишниот кум и здравичарот, потоа градоначалниците на Скопје, Центар и Сопиште, поранешни кумови и здравичари, поканети гости и членови на естрадата.

-Во рамките на традиционалната средба на скопјани со кумот и здравичарот на Бадник 2023 ќе им биде обзнането дека се е готово за централното одбележување на Бадник, на 6 јануари на платото пред Соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје. Уште еднаш ќе бликнат радост и среќа со бадниковото гранче, во пресрет на Бадник и во предвечерјето на најголемиот Христијански празник Божик, велат организаторите.