Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Скопје во пријателски натпревар одигра нерешено 1:1 со Словенија. Водечкиот гол за домаќините го постигна Елиф Елмас во 55. минута по акцијата која започна од Бобан Николов, а ја продолжи Езѓан Алиоски кој упати одличен центаршут.

Гостите изедначија во последната минута од судиското надополнување преку Домен Чрнигој.

Ова е првиот од двата предвидени контролни дуела на „црвено-жолтите“ пред настапот на Европското првенство за десет дена.

Како и што најави, селекторот Игор Ангеловски натпреварот го почна без калкулации, во најсилен состав. Недостасуваше само Енис Барди кој е позитивен на коронавирус.

По повеќе од една година, на трибините на „Тодор Проески“ се вратија навивачите. Иако капацитетот беше ограничен на 30 %, македонските фудбалери имаа голема поддршка од своите фанови.

Избраниците на Ангеловски, по три дена ќе одиграат уште еден пријателски натпревар, во Скопје ќе гостува Казахстан.