Со запретена максимална затворска казна од 20 години за тешки дела против безбедноста е обвинет младиот возач на автомобил кој на 29 јануари ја прегази на пешачки премин Фросина Кулакова. Основното обвинителство до Кривичниот суд на 28 март достави обвинителен акт протов него со кој се товари за тешки дела против безбедносната на луѓето и имотот.
По двомесечна истрага, надлежниот јавен обвинител ги прибрал сите докази и вештачења кои, како што се вели во соопштението, е утврдено дека тој на 29 јануари, 15 минути пред полноќ, обвинетиот, без возачка дозвола, управувал со автомобилот „Пежо 207“, кој бил во сопственост на неговиот татко.
„Не се придржувал кон прописите и со тоа свесно го довел во опасност животот на луѓето. Автомобилот го управувал под дејство на алкохол, односно со 0.80 промили алкохол во крв, но и со брзина на движење од 91 km/h што е речиси двојно поголема од дозволената“, се вели во соопштението на Обвинителство.
Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата меѓу булеварот “Партизански одреди” и улицата “29-ти Ноември“ продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот кој сигнализирал забрана за минување и со предниот лев дел од возилото кое го управувал удрил во телото на пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на обележан пешачки премин и зелено светло за пешаци.
„Од силата на ударот, оштетената се издигнала во воздух и удрила во семафор, поставен на разделното пешачко стојалиште, па се здобила со тешки телесни повреди од кои починала на лице место“, се вели во соопштението.
Обвинителот побарал од Кривичниот суд продолжување на мерката притвор поради опасност од бегство или повторување на кривичното дело.