Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, вечер во 19 часот, ќе се одржи централниот настан од деветтото издание на меѓународната поетска манифестација „Антево перо“.
Стихозбирката „Ако не се отвори фиоката, мачката ќе биде жива“ на Даниела Андоновска-Трајковска доби престижна награда „Антево перо“ за 2026 година, што беше соопштено од жирито на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
Оваа година на конкурсот беа поднесени рекордни 115 поетски ракописи, што јасно потврдува колку авторите се заинтересирани за оваа награда и нејзината важност во актуелниот македонски поетски контекст.
Покрај главната награда, традиционално беше доделен и „Антев златник“, а годинава жирито реши да ги награди тројца автори: Ерол Туфан за „Недовршени песни“, Емељ Туна за „Анатомија на бршленот“ и Милош Соколиќ за „Име во идно време“.
Жирито годинава одлучи „Антев часовник“, награда за откривање и афирмација на млади поетски таленти кои творат на македонски јазик, да им припадне на Дарија Јовановска за „Протекување“ и Марија Велинова за „Штрингла“.
„Протекување“ на Дарија Јовановска создава поетски свет каде човечкото постоење балансира помеѓу вербата и сомнежот, раѓањето и исчезнувањето, слободата и немоќта. Мотивот на протекувањето ја претвора водата во метафора за времето, животот и минливоста, но и за човечката потреба да се сака, памети и создава, и покрај сознанието за сопствената конечност.
„Штрингла“ на Марија Велинова претвора поезијата во истражување на егзистенцијата и јазикот. Нејзиниот поетски израз колеба помеѓу историјата и иднината, телото и духот, зборот и изгубените моменти, додека јазикот намерно се крши и преобликува за да го искаже сложеното современо искуство.
Во рамки на настанот ќе бидат одбележани и 30 години од објавувањето на книгата есеи „Окото, светлините“, како и 25 години од објавувањето на поетското дело „Света песна“ од Поповски.
За естетските вредности на делата на годинашните добитници на традиционалните поетски награди „Антево перо“, „Антев златник“ и „Антев часовник“ ќе говори д-р Атина Цветаноска, член на жирито.
По обраќањето ќе следи врачувањето на наградите, а публиката ќе има можност да проследи и поетско читање, на кое ќе се претстават годинешните лауреати и авторите кои беа селектирани во потесниот избор за наградите.




