Илјадници луѓе денеска се собраа на централниот плоштад во градот Керч на Крим за да им оддадат почит на жртвите на нападот во средата на керчкиот Политехнички колеџ, извршен од ученик.

Голем број луѓе пристигнаа специјално од други делови на полуостровот Крим и од соседниот руски Краснодарски регион.

Под засилени мерки за безбедност и поставени метални детектори, на плоштадот присуствуваа повеќе од 30.000 луѓе кои се простија од жртвите.

Прошталната церемонија траеше повеќе од два часа, по што жртвите беа погребани на градските гробишта во Керч и во селото Горностаевка.

Поради нападот од вчера на Крим е прогласена тридневна жалост.

При нападот на Политехничкиот колеџ во Керч на 17 октомври беа убиени 19 лица, меѓу кои и напаѓачот кој се самоуби. Повредени се 53 лица, од кои 12 се во тешка состојба. Во нападот била активирана експлозивна направа, а потоа напаѓачот пукал со пушка.

Портпаролката на Истражниот комитет на Русија, Светлана Петренко изјави дека напаѓачот, 18-годишниот ученик Владислав Росљаков пристигнал во колеџот со пушка и почнал да пука врз присутните.

Росљаков беше ученик во четврта година. Неговото тело со прострелна рана е пронајдено во библиотеката на вториот кат од Колеџот. Тој немал криманално досие, не бил агресивен, бил примерен ученик и примал стипендија.