Познатиот хирург Лотај Тшеринг ќе биде новиот премиер на малото хималајско кралство Бутан, откако неговата левичарска партија „Друк Ниамруп Тшогпа“ (ДНТ) победи на третите демократски избори во земјата.

Според прелиминарните резултати објавени од страна на Избирачката комисија, ДНТ ќе освои 30 од 47 места во парламентот.

Првите избори во будистичкото Кралство се одржаа во март 2008 година и ставија крај на вековниот монархиски систем на управување.

Според Уставот, кралот останува шеф на државата, но мора да се повлече на возраст до 65 години и може да биде сменет од страна на две третини од пратениците.

Историски, Бутан е во сферата на влијание на Индија, но Кралството се повеќе е под влијание на Кина, на што Њу Делхи реагира.