Во Србија започна новата учебна година, а во училишните клупи ќе седнат 760.000 основци и средношколци. Како што претходната учебна година не заврши вообичаено, поради трагедијата во ОУ „Владислав Рибникар“, кога ученик од тоа училиште уби девет ученици и еден чувар, така и новата учебна година нема да започне како и порано. Министерството за образование испрати насоки до училиштата како да работат со учениците и воведе неколку новини во воспитно-образовниот процес, јави дописникот на МИА од Белград.
Според тие насоки првата недела нема да има предавања, туку ќе биде посветена на разговори со учениците, работилници и советувања на тема солидарност, меѓусебно почитување и вредности.
Воведен е нов изборен предмет „Доблестите и вредностите како животен компас“ кој треба активно да се занимава со животните вредности и човечките доблести и кој на наставникот ќе му даде слобода да ги одредува темите на дискусија.
Во 95 основни и средни училишта ќе има повеќе часови по физичко, во секое училиште ќе дежура училишен полицаец, и сите училишта ќе имаат педагог или психолог.
Владата на Србија усвои збир на образовни закони со кои се воведуваат неколку новини во образовниот систем.
Со измените на законите се предвидува од второ одделение оценките на ученикот за дисциплина да влегуваат во просекот на оценките на крајот на полугодието и на крајот на годината, потоа можноста за отстранување на ученик од часови минимум пет дена во случај на сериозно прекршување на обврските на ученикот.
Измените носат и можност за зголемена воспитно-образовна работа со ученици кои вршат насилство или покажуваат проблематично однесување надвор од училишните простории, можност за општествено корисна работа и ангажирање на учениците во рамки на зголемена воспитно-образовна работа, скратени рокови за покренување и спроведување дисциплински постапки во случаи на тешки прекршувања на училишните обврски.
Новина е и намалувањето на бројот на ученици во паралелката од следната учебна година на најмногу 28 ученици.
Од 1 септември најавено е и воведување информациски систем во сите училишта за следење на физичкиот развој на децата. Наставниците по физичко образование ќе ги тестираат учениците, ќе ги внесат податоците во софтверот и врз основа на резултатите ќе препорачаат кои вежби треба да ги прават учениците на училиште и дома.
Во некои училишта мобилните телефони се забранети поради се почестото дигитално насилство.
Во наредната учебна година основците и средношколците ќе имаат по четири распусти-есенски, зимски, пролетен и летен одмор.
Министерката за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ на сите ученици од прво одделение од основното училиште им го честиташе почетокот на наставата и им посака успех во новата учебна година на сите ученици од основните и средните училишта, како и на наставниците и сите вработени, соопшти Министерството.
– Почитувајте ги вашите наставници, другите ученици во училиштето, бидете чувствителни на различностите, бидејќи така ќе покажете дека се почитувате себеси, рече министерката.