Советот на Европа го критикуваше односот на Полска кон германското малцинство во таа земја и негативните последици од намалувањето на наставата на мајчин јазик на само еден час неделно, како и отстранувањето на двојазичните табли.

„Извештајот на експертите кои беа во Полска во март оваа година ги наведува очигледните негативни последици од намалувањето на часовите по германски јазик во септември минатата година“, се вели во соопштението за печатот на Советот на Европа.

Извештајот препорачува враќање на старата настава од три наставни часа неделно. Советот на Европа очекува „зголемени напори“ од владата во Варшава за зголемување на социјалната толеранција кон јазичните малцинства и културното наследство. Друга точка на критика се однесува на слабата застапеност на германскиот јазик во јавната администрација, како и отстранувањето на повеќејазичните табли од некои градови во југозападна Полска.

Според полските закони, двојазичните знаци и употребата на јазикот на малцинствата во јавните служби се практикуваат во оние локални единици каде одредено малцинство сочинува повеќе од 20 отсто од населението. По проширувањето на границата на локалната единица на градот Ополе, процентот на жители кои зборуваат германски паднал под таа граница, по што биле отстранети двојазичните табли.

Понатаму, беше критикуван недостатокот на јазици на малцинствата во јавните медиуми.

По Втората светска војна, големи делови од поранешна Германија, како што се Шлезија и Источна Прусија, како и областа покрај Одра и Висла, ѝ припаднаа на Полска, а мнозинството жители од германска етничка припадност беа протерани.

Конзервативната влада во Варшава е една од најжестоките критичари на германската политика.