Додека пензиите во Србија се зголемуваат за 170 евра, а во Словенија за 150 евра, владата администрирана од (Димитар) Ковачевски се фали со помош од 1.000 денари за пензионерите, се истакнува во денешната реакција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Дополнително, истата влада на СДСМ и ДУИ која го укина моделот за пресметување на пензиите според просечната плата и цели 3 ипол години им крадеа на пензионерите од пензиите, сега го враќа истиот модел ама го преставува како швајцарски. Страмно и бедно. Се фалат дека ќе зголемуваат пензии, а претходно им зедоа на пензионерите десетици илјади денари. Патем покачувањето кое сега го даваат не е ни половина од растот на инфлацијата која ја има Македонија, се вели во соопштението.
Опозициската партија бара пензиите да се зголемат за 20 проценти.
– ВМРО-ДПМНЕ побара, а власта на СДСМ и ДУИ одби предлог за раст на пензиите од 20 отсто, бидејќи на таков начин ќе се амортизираа поскапувањата кои денес се случуваат. Ако власта се прави дека не гледа, граѓаните гледаат дека млекото е поскапо за 22 отсто, брашното за 38, зејтинот за 46, струјата за над 30, а горивата за над 80 отсто и покачувањето кое го предлага владата не е доволно ниту еден ден во месецот да се покрие, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.