За тоа дали во текот на летниот период ќе се зголеми контролата врз лицата што управуваат мотор имајќи предвид дека овие превозни средства и повеќе се користат во тој период, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска истакна дека вистинските моторџии ги почитуваат сообраќајните правила.

– Сакам да кажам дека оние што се вистински моторџии, а такви познавам лично многу, никогаш во град не ги прекршуваат сообраќајните правила. Вистинските моторџии, особено оние што членуваат во мото-организации, се и тоа како посветени на почитување на сообраќајните правила бидејќи многу добро знаат какви се последиците кога тие не се почитуваат. Но, за сите оние што „глумат“ моторџии, возат без кацига, со далеку поголема брзина, возат на едно тркало низ град, поминуваат на црвено светло и мислат дека „Безбеден град“ нема да ги детектира, сакам јавно да порачам дека Министерството за внатрешни работи во наредниот период ќе биде особено фокусирано токму на нив, особено во градските средини. Ќе останат и без мотори и без можност да „глумат“ моторџии. За нив се подготвува посебен план за постапување и тие ќе бидат главен таргет затоа што претставуваат огромен ризик во сообраќајот – нагласи министерот.

Тошковски додаде дека човечкиот живот нема цена и секој што не ги почитува сообраќајните правила, особено во урбаните средини, претставува потенцијален ризик да предизвика трагедија што никогаш повеќе не може да се исправи, особено ако згасне човечки живот.

Тошковски изјави дека во иднина ќе следуваат законски измени, кои ќе бидат порестриктивни во однос на управувањето електричен тротинет.