Полицијата, која во голем број беше присутна во Градскиот трговски центар попладнево, од засега непознати причини си заминала без да влезе во подрумските простории на Градскиот трговски центар за каде имаше информации дека се поставени т.н. ригови за „копање“ на криптовалути, објави ТВ21.

Според првичните информации, „копањето“ се вршело на нелегален приклучок на струја.

Телевизијата Клан Македонија објави снимка од просториите во кои е затекната нелегалната опрема.

 

Според ТВ21, пред самиот влез во магацинските простории, паркирано е комбе кое на тоа место стои повеќе од една година и е на некој начин маскирано. Неофицијално, во случај на полициска акција, било планирано машините да бидат внесени во комбето со цел да не бидат запленети.

Од надворешниот дел, кај улицата, поставена е и посебна вентилација за исфрлање на топлиот воздух од просториите, а поставени се и посебни камери кои гледаат кон улицата каде што се влегува во просториите. ТВ 21 ги контактирало Обвинителството и МВР, но засега оттаму велат дека немаат никакви информации.