Македонија го живее третиот карантински викенд, но по два, со целосна забрана, овој беше со скратени часови на забрането движење.
Забраната за движење почна од вчера од 15:00 часот, а ќе трае до понеделник во 5:00 часот наутро.
Од понеделник остануваат одредбите дека полицискиот час почнува од 19 часот секој ден, а трае до 05 часот следниот ден.
Надлежните најавија дека по првомајскиот празник ќе се разгледува опцијата да почне извесно олабавување на мерките и постепено враќање во нормала на животот во земјава. Сепак останува прашањето каков ќе биде следниот продолжен викенд?
Први мај е во петок, а тој ден е официјално неработен, но и ден кога граѓаните излегуваат надвор – па и на излетнички места. Нема официјална потврда за тоа дали сепак забраната за движење ќе го опфати и тој ден, но се тврди дека тоа е многу извесно.
Во Србија вчера беше соопштено дека се размислува полициските забрани да важат секако и за Први мај.
Според новите мерки што ги однесе Владата во средата, заштитната опрема задолжително треба да се носи во сите затворени јавни места каде што има повеќе лица како маркети, продавници, банки, пошти, здравствени установи, како и при користење на јавен превоз. На отворено заштитна опрема задолжително се носи на пазари и на отворени простори каде нема можност да се одржува физичката дистанца од два метра до другите лица во близина.