Француската Влада ги повика новинарите и фоторепортерите да го пријават полициското насилство по бројните сведоштва и насилничките судири со полицијата по демонстрациите од 8 декември, јавува МИА.
На многу новинари им беше одземена опремата или беа мета на силите на редот и на нивните „фрлачи на топки, нов вид на ЛБД, Флеш-топка, во грбот или во главата, повеќе пати удирани со полициски палки, за што посведочија повеќе новинари и фоторепортери по настаните од минатиот викенд.
Новинарот Јан Форекс, кој работи за весникот „Паризјан“, ја покажува фотографијата на Твитер на која се гледа дека неговата кацига за мотоцикл е оштетена од полициска граната од типот ЛБД40, за која неколку адвокати побараа да се забрани нејзината употреба, поради опасности и тешките повреди што таа ги предизвикува. Оваа граната била истрелана врз новинарот од страна на припадник на специјалните сили за одржување на редот, кои стоеле само два метра зад него.
Фотографот на неделниот весник „Журнал ди диманш“, Ерик Десон на двапати беше удрен од телескопска палка по раката во која држеше фотографски апарат.
Првиот новинар добил голем хематом на вратот, додека вториот има скршеница на раката и има четири недели боледување.
Адвокатот Жереми Aсус во петокот испрати писмо до префектот на полицијата во Париз, Мишел Делпеш и до јавниот обвинител на Париз, Реми Хеиц, како и до министерот за внатрешни работи, Кристоф Кастанер, во кое предупредува дека ќе бидат поднесени дваесет и четири жалби од фотографи и новинари по препирки со полицијата.
Најмалку осум од овие постапки се однесуваат на дела – насилство со огнено оружје, некои од жалбите се однесуваат на настани пред тие со „жолтите елеци“, кои датираат од насилството за време на протестите против „законот за труд“ во пролетта 2016 година.
– Покрај манифестација на „жолтите елеци“, од страна на полицијата е идентификувано слично однесување кон новинарите, без оглед на местото и контекстот, вели адвокатот Асус.
Унијата на професионалните фотографи (УПП), Националната унија на новинари, Репортери без граници, Генералната конфедерација на трудот и Форс Увриер ќе бидат граѓанските странки во секоја од жалбите.
– Поединечните постапки од ваков вид веројатно ќе бидат успешни, но со колективна акција обвинителот не може да го игнорира повторувањето на овие дела, рече адвокатот Асус.
Меѓу фотографите кои учествуваат во оваа акција е и Вероник де Вигери, добитничка на наградата Златна хуманитарна Виза за 2018 година, на која и беше одземена заштитната опрема (шлем и гас маска) од страна на полицијата на 8 декември, кога таа ја покриваше манифестацијата на 8 декември во Париз за „Вашингтон пост“.
Сериозно повреден од граната во рацете при снимањето на претходните демонстрации во Париз, на 19 април, е Јан Шмит-Витли,кој, исто така, одлучи да поднесе тужба.
Соочени во почетокот на движењето на „жолтите елеци“ со непријателско расположение и напади од страна на демонстрантите кон медиумите, голем број новинари и фотографи одговорни за следење на демонстрациите сега се соочуваат и со поостра акција од силите на редот.
На последната демонстрација на 8 декември, УПП регистрира петнаесет препирки меѓу фоторепортерите и полицијата само во саботата. На 10 декември, во заедничкото соопштение на сите новинарски синдикати се посочува на „новата ситуација“ за професијата, при што се осудуваат „неприфатливите акти на полицијата, особено во Париз“.
Министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер смета дека кога има непрофесионално однесување на припадниците на силите на редот, тоа треба да биде казнето, бидејќи тие треба да бидат примерни.
Портпаролот на Владата, Бенжаман Гриво се обврза дека сите жалби поднесени за полициското насилство ќе бидат сериозно разгледани.
Понудата на властите новинарите и фоторепортерите да стојат „заштитени“ зад силите на редот за нив е неприфатлива, бидејќи тоа значи „ориентирање на информацијата“.