На крајот од дводневните средби во Тирана, делегацијата на Европскиот парламент, чија главна цел беше разговори за решавање на политичката криза во Албанија меѓу Владата и опозицијата, денеска на прес-конференција упатија јасна порака за соработка пред одлуката за отворање преговори со ЕУ.
Шефот на делегацијата Туне Келам од самиот почеток изјави дека допатувале во Тирана со надеж, иако изгледа дека заминуваат разочарани, поради длабоките поделби и спротивставени стратегии меѓу опозицијата и Владата.
Според него, отпочнувањето преговори со ЕУ е најважната цел, но потребен е национален консензус, дијалог и надминување на партиските разлики.
– Сакаме Албанија официјално да ги отвори преговорите за членство во јуни, и затоа не сакаме да се предизвикуваат понатамошни одложувања поради националните недоразбрања. Албанија постигна значителен напредок во многу области, направи голем чекор напред во правната реформа. Партиските поделби околу прашањето на интеграцијата треба да се надминат, а бојкотот на Парламентот е многу лош сигнал. Ние, исто така, сме против насилни протести, бидејќи тоа не е демократски начин за решавање на проблемите. На Албанија и е потребен повеќе простор за граѓанското општество, кое треба да има поголем пристап до институциите. Во меѓувреме, гласот на младите луѓе треба да биде сослушан од Владата за реформа во високото образование, истакна Келам.
Европратеникот Флекенштајн искажа остро противење за ставот на опозицијата, велејќи дека е посебно разочаран од лидерката на Социјалистичкото движење за интеграција, Моника Круемади.
– На 19 јуни, Советот ќе ја донесе одлуката за Албанија, бидејќи процесот на реформи и ветингот продолжуваат. Го повикуваме Советот да се фокусира на овие факти за во јуни да ги отвори преговорите. Што се однесува до вашите внатрешни проблеми, не се сомневаме дека овој Парламент ќе продолжи со својата работа. Парламентот ќе продолжи со работа, можеби со нови членови. Јас сум особено разочаран од претседателката на Социјалистичкото движење за интеграција, Моника Круемади која ни кажа дека опозицијата ја донела одлуката и нема враќање назад. Очекуваме пратениците да се вратат во Парламентот. Дури и ако опозицијата има право да обвинува, бојкотот не решава ништо, нагласи Флекенштајн.
Германскиот европратеник повторно се обрати на прес-конференцијата, за, како што рече, „куса интервенција“.
– Организаторите на протестите треба да бидат внимателни, да не бидат насилни, да преземат одговорност за било кој чин што ја надминува нивната контрола. Доколку за сето ова време гледаме насилство на улиците на Тирана, ќе има последици во одлуката за преговорите, рече тој.
Делегацијата на Европарламентот во Тирана пристигна вчера попладне при што оствари средба со лидерите на обединетата опозиција, со премиерот Еди Рама, со претседателот на Парламентот, Грамоз Ручи и со министерот за внатрешни работи Сандер Леши. Тие не се сретнаа со претседателот Илир Мета, бидејќи тој се наоѓа во посета на Египет.