Парламентарната група на опозициската Демократска партија, која брои 43 пратеници, донесе едногласна одлука за откажување од пратеничките мандати.
Веста ја соопшти партскиот лидер Љуљзим Баша, по седницата на парламентарната група, која го „овластила за преземање на понатамошните чекори“, што подразбира свикување на највисоките партиски органи, кои треба да ја потврдат веќе донесената одлука.
– Парламентарната група донесе едногласна одлука за откажување од пратеничките мандати, бидејќи единствено политичко решение е формирање преодна влада, која ќе спроведе слободни и фер избори и ќе го одблокира процесот за европска интеграција на Албанија. Тоа со оглед на вонредната национална состојба, во која се наоѓа земјата поради тоа што Владата е разоткриена во крадење на гласовите на граѓаните, како што потврдуваат и судските досиеја, објавени од страна на странски медиуми, поради нејзините коруптивни и криминални работи, елиминирање на Парламентот како форум за демократија, елиминрање на Уставниот суд, парализирање на државата, систематско угнетување и кршење на основните човекови права и слободи на Албанците, вклучувајќи го и правото на живот, здравје и имотот што предизвика состојба на невидена економска криза и масовен егзодус, истакна меѓу другото Баша.
Почесниот претседател на демократите, поранешниот премиер и претседател на државата Сали Бериша, кој исто така е пратеник, наведе дека одлуката која првпат е донесена во Албанија „од политичка гледна точка е есктремна, но оти тоа го бара политичката ситуација во земјата“.
Поддршка за одлуката, најголемата опозициска партија начелно доби и од другите партии кои се дел од обединетата опозиција.