Претседателот на техничката влада на Бугарија, која минатите две ипол години имаше 7 предвремени парламентарни избори и забрзано ита кон осмите, Димитар Главчев призна дека разговарал за бугарскиот став околу проширувањето на ЕУ со новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта. Не беше многу разговорлив на оваа тема во Брисел.

„Не разговаравме нешто посебно, ме праша каков е ставот на Бугарија за проширувањето за Западен Балкан. Посочив дека ние го поддржуваме, дека тоа е геополитичка тема, но оти треба да се почитуваат условите за прием во Унијата“, кусо соопшти Главчев.

Зборувајќи конкретно за уценетата Македонија, техничкиот Главчев се повика на Францускиот предлог, „протнат“ и потпишан со минимално мнозинство од тогашаната влада на СДСМ/ДУИ предводена од неговиот имењак Ковачевски, кој деновиве е на тапет со инволвираноста во мега-аферата со Лотарија и неговиот вицепремиер Артан Груби. „Француски предлог“ со кој Софија доби на ЛОТО. „Француски“ предлог усвоен од  исто толку„македонска“ Влада која во 2022-та потпиша капитулација, а претходно во 2021-та  доживеа потпоп на Локалните, за потоа да искуси и целосен дебакл на Парламентарните избори во 2024-та.

„Конкретно за Македонија, знаете… Имаме еден компромис, т.н компромис од 2022 година, компромис преземен од наша страна и тоа е веќе европски документ потпишан од сите земји-членки плус и од Бугарија како членка, плус Република С Македонија и нема веќе за што да преговараме, нашата позиција е непроменета,“, вели Главчев, кој ја предводи бугарската делегација на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел.

Претходно, лидерот на политичката партија ГЕРБ, Бојко Борисов, вчера изјави дека разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за состојбата на државата на меѓународен план, но и за состојбите со соседна Македонија, пренесува Бугарската национална телевизија (БНТ).

„Од разговорот разбрав дека последните две-три години во ЕУ и НАТО имаше многу процеси што се однесуваат на Македонија, а кои се одвиваат без учество на Бугарија, од кои земјата изгуби многу време. Затоа мора да формираме влада и да го зацврстиме нашиот став“, според него, Бугарија е должна да успее да формира редовна влада поради меѓународната ситуација.

Извор: Курир