Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон денеска поднесе оставка на функцијата, поради несогласувања со премиерката Тереза Меј во врска со планот за Брегзит.
Попланево сите британски медиуми како ударна ја пренесуваат веста за оставката на секретарот за надворешни работи и притоа потсетуваат дека Џонсон за денес попладне имал закажано средба со лидерите на Западен Балкан кои во Лондон се на Самитото ЕУ-Балкан. Негови советници реколе дека денес нема ништо од тоа, затоа што во моментов има политичка броба со неизвесен крај.
– Премиерката попладнево ја прифати оставката на Борис Џонсон како министер за надворешни работи, соопшти портпарол на Даунинг стрит 10, додавајќи дека Меј му се заблагодарува за неговата досегашна работа.
Тој нагласи и дека британската премиерка наскоро ќе именува нов шеф на дипломатијата.
Џонсон е вториот министер во британската Влада што поднесува оставка во последниве 24 часа, поради противење на планот на Меј. Претходно денеска оставка поднесе и министерот за Брегзит, Дејвид Дејвис, по што Меј за негов наследник го именува министерот за домување Доминик Раб.
Џонсон и Дејвис беа незадоволни од резултатите од седницата на британската Влада одржана во петокот на која беше усвоен планот на Меј за идните преговори за договорот за истапување на Велика Британија од ЕУ.
По седницата Меј побара од нејзините министри да се обврзат дека ќе ги почитуваат инструкциите во британските преговори со европските претставници за идните трговски односи на Велика Британија и ЕУ, правата на државјаните и жителите, границата со Ирска, британскиот однос кон европските регулативи и низа други прашања.
Дејвис изрази незадоволство до планот оценувајќи дека договореното нема да значи „вистинско напуштање“ на Европската унија, бидејќи британскиот Парламент ќе остане обврзан на огромен број правила и регулативи на ЕУ.