Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во наредниот период активно повторно да се вклучи околу анализа за самото доделување на спортските ваучери, побара на денешната седница Владимир Георгиев, член на ДКСК.
Според него, ризиците од можни злоупотреби на овие финансиски средства од даночно ослободување остануваат и во оваа 2022 година.
Тој информираше дека Антикорупција побарала и од Државниот завод за ревизија оваа година да ги стави во својот план за ревизија и Агенцијата за млади и спорт, што било и одобрено.
Сето тоа, наведе Георгиев, од аспект на немање отчетност на спортските клубови, федерации и спортистите за тоа како ги потрошиле одобрените средства.
Врз основа на иницијативата лани на ДКСК, АМС за оваа година има усвоено унифициран образец – извештај со кој сите корисници на средствата преку ваучери ќе образложат на кој начин ги потрошиле ваучерите.
Централна позиција има т.н. Централна комисија за евалуација на предлог-листите, бидејќи таа ги рангира федерациите, спортските клубови и активните спортисти и како таква ја доставува понатаму до директорот на АМС, каде пак конечно се одлучува кои и колку средства ќе добие од ваучери, изјави меѓу другото Георгиев.
Потсети дека во Националната стратегија на ДКСК за борба против корупција и судир на интереси за периодот 2021-2025 година прв пат е воведен секторот спорт, исто така, како што рече, како ризичен од корупција.
– Во него има повеќе детектирнаи ризици, а еден од тие ризици беше самото финансирање. Дали е добар тој модел на финансирање преку ваучери односно тоа е даночно ослободување согласно Законот за данок на добивка. Минатата година направивме голема анализа и врз основа на тоа дадовме поголем број препораки до надлежни институции, вклучувајќи ја и Агенцијата за млади и спорт, до Министерството за правда, до Владата…., рече тој.
Се осврна и на тоа дека ДКСК има констатирано оти самиот систем на финансирање на спортот преку ваучери и не е најдобриот модел, бидејќи, како што потсети, тогаш детектиравме ризици дека честопати може да се случи компанијата што дава средства од ваучерот, на одреден начин да преговараат и да договараат затоа колку и како би биле дадени средствата.