Полска денеска потпиша договор за купување на 32 хеликоптери „AW149“ од италијанската компанија „Леонардо“, во вредност од 1,75 милијарда евра, изјави полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак.
-Договорот се однесува на 32 хеликоптери „AW149“, значи две ескадрили, а првите хеликоптери ќе пристигнат во полската армија следната година, рече Блашчак.
Повеќенаменските хеликоптери ќе ги гради леонардовата фабрика во Полска „PZL Swidnik“, а договорот вклучува логистика, обука и пакети со симулатори.
Соте компоненти од договорот ќе бидат испорачани меѓу 2023 и 2029 година, најави компанијата „Леонардо“.
Во екот на војната во Украина, Полска ги модернизира своите вооружени сили, а од следната година нејзината цел е да потроши повеќе од три отсто од БДП за одбрана.
Новите хеликоптери ќе извршуваат мисии кои вклучуваат транспорт на воени сили и воздушна поддршка, а ќе можат да се користат за евакуација на повредени, потрага и спасување во борбени операции и за транспорт на стоки и материјали, се наведува во соопштението.