Фондацијата Отворено општество – Македонија обезбеди поддршка во вкупна вредност од 190.000 долари за над 35 граѓански организации кои ја следат работата на институциите во областите борба со корупција, правосудство, спречување дискриминација, заштита на животната средина, трошење јавни пари и урбанистичко планирање и кои придонесуваат кон заштита и промоција на вредностите на отвореното општество.
-Обезбедивме поддршка за граѓанските организации кои се клучен сегмент во едно демократско општество, а кои се погодени од вонредната состојба, како и останатите сегменти од општеството.
Грант-шемите вклучуваат и ќе овозможат следење на институциите и функционалноста на системот во услови на криза во областите борба против корупција, судство и спречување и заштита од дискриминација, кои се приоритети во процесот на пристапување во ЕУ. На овој начин граѓанските организации ќе продолжат активно да ги набљудуваат процесите во кризниот и посткризниот период и ќе реагираат со цел подобрување на политиките и практиките во овие области, соопшти ФООМ.
Воедно, дел од средствата ќе обезбедат поддршка за локалните граѓански организации во Битола, Тетово и Штип за надгледување на локалните власти во областите животна средина, трошење јавни пари и урбанистичко планирање и за застапување кое се базира на барањата и приоритетите на граѓаните.
ФООМ нагласува дека предизвиците за отвореното општество кои пред нас ги постави епидемијата со КОВИД-19 бараат агилност, брза реакција и флексибилност и дека тие ја препознале итноста на ситуацијата и условите во кои е намалена финансиска поддршка за граѓанското општество.