Целосно сме подготвени да и понудиме помош на Албанија по земјотресот што се случи рано утринава. Веќе се испратени тимови за спасување, а дадена е насока до најблиските региони како Охридско-струшкиот и Кичевскиот да испратат механизација. Подготвени се и лекарските тимови и противпожарните служби доколку има потреба, да бидат испратени, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Одговарајќи на новинарски прашања, Заев рече дека уште рано сабајле се донесени сите одлуки да и се асистира на пријателска Албанија поради трагедијата што се случи.
– Стоиме целосно на располагање. Владата денеска на седница ќе расправа токму за тоа. Се нудиме целосно да помогнеме, се што е возможно да се спаси човечки живот, да се врати животот во нормала. Жалам за оваа непогода, ја почувствувавме и ние овде во Скопје, ја почувствуваа и на другата страна на Јадранското Море, во Италија, но за жал епицентарот во близината со 6,3 степени направил големи штети, меѓу кои и загубата на човечки животи, рече Заев, изразувајќи сочувство за жртвите во земјотресот во Албанија.