САД ја поздравуваат одлуката на Парламентот на Грција да го ратификува Договорот од Преспа, изјави денеска американскиот државен секретар Мајк Помпео.
Во изјава за МИА, Помпео укажа дека грчките лидери покажале визија, храброст и истрајност во определбата за изнаоѓање на решение за проблемот со името.
– Ова решение ќе и овозможи на Република Северна Македонија да го заземе своето вистинско место во НАТО и ЕУ, вели Помпео. Во изјавата понатаму се вели дека САД аплаудираат на оваа историска можност за унапредување на стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион.
И советникот за национална безбедност на САД, Џон Болтон им честита на премиерите на Грција и Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев, откако Парламентот во Атина го ратификува Преспанскиот договор.
– САД го поддржуваат ова извонредно постигнување, кое ќе донесе стабилност и просперитет на Балканот, напиша Болтон на Твитер.