Американскиот државен секретар Мајк Помпео ги отфрли критиките во Германија на претседателот на таа земја и на другите европски претставници на сметка на САД.
Критиките беа упатени на сметка на изолационистичката политика и егоизмот на владата на претседателот Доналд Трамп, а Помпео рече дека тие критики „немаат основа во реалноста“.
„Задоволство ми е да ви кажам дека идејата, според која, трансатлантскиот сојуз е мртов, е претерана“, рече Помпео на конференцијата за безбедност во Минхен.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој нема извршни овластувања, но чии изјави се слушаат во Германија, во петокот остро го критикуваше курсот што го следат американските власти.
-Нашиот главен сојузник, Соединетите држави, под сегашната администрација, ја отфрла самата идеја на меѓународната заедница. Државите се повикани да ги стават своите интереси над интересите на сите други, „повторно големи“ на штета на соседите и партнерите- рече Штајнмаер на отворањето на конференцијата, алудирајќи на слоганот на Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“.
Помпео одговори дека САД придонеле во зајакнувањето на источното крило на НАТО, како и во уништувањето на самопрогласениот калифат на Исламската држава во Сирија.
„Дали САД ја отфрла меѓународната заедница? Западот победува. Ние победиме и тоа го правиме заедно“, рече Помпео.
Според него, Западот има „подобра иднина од нелибералните алтернативи“.