Американскиот претседател Доналд Трамп лично одлучи да не потпишува договор со Северна Кореја за време на средбата со Ким Џонг-ун, изјави денеска државниот секретар на САД, Мајк Помпео.
Тој наведе не е определен датум за следна средба на работно ниво со Северна Кореја, како и оти е потребно време за да се реорганизираат двете страни.
Помпео истакна дека Вашингтон и Пјонгјанг имаат „заеднички став“ за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, но оти „се уште има многу работа“.
– Има причина да веруваме дека можеме да продолжиме напред. Мислам дека можеме да разработиме план, истакна Помпео.
Тој додаде дека на средбата во Ханој остварен е напредок, но недоволен за да се потпише каков било договор.
Белата куќа првично закажа церемонија за потпишување на договор, па ја откажа.
Вториот самит Трамп – Ким денеска беше прекинат без да се постигне договор, а американскиот претседател изјави дека тоа се случи откако Северна Кореја побарала целосно укинување на санкциите во замена за затворањето на нуклеарната постројка Јонгбјон.