Рускиот претседател Владимир Путин предлага Турција со помош на рускиот гас да стане дистрибутивен центар и да формира берза за природен гас.
-Доколку Турција и нашите потенцијални партнери покажат интерес, за нас доаѓа во предвид изградба на нов гасовод и создавање дистрибутивен јазол за гас во Турција заради продажба на гасот на трети земји, првенствео во Европа – му понудил Путин на својот турски колега Ердоган за време на средбата во Астана, пренесува агенцијата Интерфакс.
Рускиот претседател изнесол низа пофалби на сметка на гасоводот Турски тек, кој поминува од Турција преку Црно Море и лиферува гас кон Југоисточна Европа. Според Путин, тоа би било најсигурна рута за рускиот гас и преку него би се пренасочиле количините кои се предвидени за гасоводите Северен тек 1 и 2.
На крајот на септември, двата крака на гасоводот Северен тек 1 и еден од цевководите на Северен тек 2 во Балтичко Море беа оштетени поради експлозија. Путин тврди дека бил планиран напад и врз Турски тек, но тој не се случил.
-Денес цените на гасот стигнаа до небесни височини, а преку таа берза би можеле мирно да ги регулираме и да постигнеме нормално пазарно ниво, без било какви политички обојувања, истакнал Путин.