Во Србија вкупно 791.000 граѓани ги примиле двете дози на вакцината против коронавирусот. Тоа го изјави директорот на Канцеларијата за информатичка технологија и електронска администрација, Михаило Јовановиќ.
Во изјавата за РТС тој нагласи дека досега се дадени над 2.040.000 вакцини на граѓани, а на порталот за е-влада се регистрирани 1.380.000 граѓани кои се заинтересирани да примат една од вакцините против вирусот.
На прашањето дали странските граѓани можат да примаат вакцина во Србија, Јовановиќ одговори потврдно, но додаде дека според приоритетите, тие се зад српски државјани.
– Кога зборуваме за приоритетите, прво ги покануваме домашните граѓани, по категории приоритетни групи, и само во следниот период ќе поканиме странски државјани со престој (во Србија) и само на крајот странски државјани без престој во Србија, изјави тој.
Се очекува денеска по седница на Кризниот штаб за борба со Ковид-19 во Србија да се донесат остри мерки, јавија белградските медиуми.
Членот на тој штаб, Предраг Кон изјави дека единствени мерки што може да се донесат за да се намали ширењето на вирусот се оние што ги имале за време на викендот и тие да важат за следните 14 денови.
– Единствените мерки …се да бидат отворени продавници за храна, за гориво и аптеки, изјави тој синоќа. Во Србија е голем притисокот врз болниците поради новоинфицирани со Ковид-19.